Еве го Бектеши, тој беше спортист на времето. Ама играше фудбал за Влазрими од Кичево, не ракомет. Порано играше за Влазрими, а сега игра за Артан Груби во канцеларија, таму дава голови и постигнува кошови, рече премиерот

Поранешна македонска ракометарка денеска во маркетот во Тафталиџе го застана премиерот Димитар Ковачевски и двајцата пред камерите си разврзаа муабет за своите заеднички пријатели од Куманово.
Жената му се претстави како „најдобрата голманка во Македонија“, а премиерот почна да ѝ набројува свои познанички и пријателки за кои се испостави дека тренирале во ист тим со жената.
На крајот, премиерот ја префрли топката кај министерот за економија Крешник Бектеши, претставувајќи го како спортист.
– Еве го Бектеши, тој беше спортист на времето. Ама играше фудбал за Влазрими од Кичево, не ракомет. Порано играше за Влазрими, а сега игра за Артан Груби во канцеларија, таму дава голови и постигнува кошови – рече премиерот.
На тоа Бектеши одговори дека во канцеларијата на вицепремиерот тој е задолжен за „закуцување кошови“, додека, пак, Артан Груби е задолжен за постигнување голови.
Инаку, премиерот денеска по третпат беше излезен на пазарење во скопските маркети. Тој и овој пат ги повика новинарите и камерманите да го снимаат како ги проверува „замрзнатите“ цени на производите.
Заедно со премиерот Ковачевски беше и министерот за економија, Крешник Бектеши, како и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.





