На барање на советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, денеска остварил телефонски разговор со Шоле. На разговорот присуствувале и заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
Според владиното соопштение премиерот Ковачевски од американскиот советник очекува помош од САД за справување со корупција во неговата влада односно очекува соработка со цел казнување на висока коруоција што значи дека може да бидат опфатени и министри во неговата влада.
,,Премиерот Ковачевски изрази увереност дека во претстојниот период ќе се зајакне соработката со САД во изнаоѓање системски решенија за справување со корупцијата на секое ниво, вклучувајќи ја и високата корупција”, се вели во соопштението.
Според општоприфатените критериуми корупцијата е облик на нечесност или кривично дело кое го презема лице или организација на која и е доверена позиција на авторитет, со цел да стекне недозволена корист или да ја злоупотреби моќта за лична корист. Корупцијата може да вклучува многу активности кои вклучуваат мито, трговија со влијанија и проневера, а може да вклучи и практики кои се легални во многу земји.
Политичката корупција се јавува кога носител на функција или друг државен службеник дејствува со службено својство за лична корист. Корупцијата е најчеста во клептократиите, олигархиите, нарко-државите и мафијашките држави.
Премиерот Ковачевски во разговорот потенцирал дека Македонија и понатаму ќе биде фактор на стабилност во регионот, преку практикување на политиките на дијалог и негување на добрососедските односи. Взаемно било констатирано дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ и земјите треба посветено да работат во насока на забрзување на евроинтеграциските процеси преку носење на мудри и одговорни одлуки.
Според владата високиот претставник на Стејт департментот, Шоле се заблагодарил за покажаното македонско лидерство и на премиерот Ковачевски како домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој под покровителство на Европската Унија и со поддршка на САД се одржа во Охрид.
Организирањето на овој настан, како што според владата нагласил Шоле во телефонскиот разговор, е препознавање на македонската кредибилност како партнер на ЕУ и САД, како и пример за успешно решавање на отворените прашања.
Премиерот Ковачевски и советникот Шоле, разговарале за повеќе актуелни прашања, со фокус на македонскиот евроинтеграциски процес , пришто била потврдена континуираната поддршка од САД за заложбите на државата за исполнување на критериумите за влез во ЕУ, како и обезбедување стабилност, просперитет и економски развој на тој пат.
Во таа насока, премиерот Ковачевски се заблагодарил на САД за поддршката и охрабрувањето на сите политички партии во Собранието да работат заедно во конструктивна атмосфера, градејќи меѓупартиски консензус, фокусирајќи се на конкретни чекори во преговарачкиот евроинтеграциски процес.





