Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360“ на ТВ Алсат-М, истакна дека дијалогот со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) продолжува во пресрет на најавениот штрајк на просветните работници, кој ќе почне на 11 април.
Премиерот вели дека тој лично смета дека треба да има зголемување на платите во образованието, меѓутоа и дека мора да се води грижа државата да може да ги финансира сите свои обврски што ги презеде.
„Разговарав со претставници на советот на Народната Банка, од причина што доколку ги зголемите платите колку што е вкупно барање на синдикатите, тоа може да произведе дополнителен инфлаторен притисок. А дополнителен инфлаторен притисок ќе значи дека и платата која ќе ја добијат работниците, таа после многу кратко време нема да вреди.
Ако се зголеми инфлацијата тогаш обврската на Народната Банка е да интервенира преку зголемување на каматните стапки, што значи дека и долговите кои што ги имаат тие граѓани на тековни сметки на кредитни картички со зголемувањето на каматните стапки, ќе се зголемат и нивните обврски за плаќање. Затоа мора да се балансира решението помеѓу она што го бара синдикатот и она што како можност го нуди буџетот“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека Владата со антикризните мерки, како намалувањето на ДДВ-то од 5% на 0% на основните прехранбени продукти, им излезе во пресрет на граѓаните да не дозивеат ценовен шок.







