„Не знам зошто некој во Скопје смета дека изборите во Бугарија ќе имаат некакво значење. Ние немаме некаква различна политика за прашањето за Македонија, без оглед дали е ГЕРБ, Слави Трифонов или БСП, па да се очекува дека ќе имаат значење изборите во Бугарија и дека нешто после нив ќе се смени“, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од редовите на Герб, во изјава за МКД.Мк.
Според него останува Договорот да се исполнува, особено „во делот на заедничката историја на еден ист народ кој бил разделен на сила“, а заедничката Комисија треба да си работи.
Според него, меѓувладината конференција – којашто се очекуваше и се најавуваше – нема да може да се одржи додека не се формира нова влада, а кога ќе се случи тоа никој не може во моментов да предвиди.
Ако има нови избори во Бугарија, како една од варијантите, сигурно ќе дојде септември, октомври или подоцна, но сега никој ниту знае, ниту може да се каже, вели Ковачев.
Тој остава простор дека ако се исполнува Договорот и ако „има разбирање“ и со сегашната влада (која функционира до изборот на нова) може „уште утре сѐ да биде готово и с. Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“.







