Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, внесе нов момент во критиките за „браќата“ од Македонија со поврзувањето на прославата на Денот на народното востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор со – рускиот претседател Владимир Путин?!
„Многу е тажно што тие ја ‘слават’, како што велат, антифашистичката борба, или со други зборови антибугарската, борбата против бугарскиот фашистички окупатор, како што велат тие. И тие сметаат дека нивната држава е основана на тоа. Дали разбирате колку е сериозен проблемот? Проблемот е што нивната елита, како што велам, ова е прашање на елитата, и од СДСМ и од ДПМНЕ мислат дека државата им е антифашистичка и поради тоа излегува речиси истото што го кажува Путин. Не гледам никаква разлика меѓу идеологијата што ја шири Путин, дека се бори против нацизмот и фашизмот во Украина, и она што им го остави во наследство Тито во Скопје, дека се борат против фашистите. И ги видовме чудните сцени во Охрид, како повторно нè нарекуваат ‘фашисти’ и ‘Татари’. И споменот на неговото височество Цар Борис Трети се обидуваат да го оцрнат, што е многу недостојно“, изјави потпретседателот на ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов за бугарската агенција „Фокус“.
„Едноставно, зачуден сум што повторуваат едно те исто: нашата држава е антифашистичка, значи против Бугарите сме. Тоа е апсолутно идентично со Владимир Путин, со неговата доктрина дека сите што се против него се нацисти и фашисти. Многу тешка тема“, додава тој пред да се осврне конкретно на празникот 11 Октомври.
„И во Бугарија сè уште има луѓе што продолжуваат да веруваат на комунистичкиот поглед на историјата, во Бугарија, се разбира, во многу помал степен, зошто кај нас 9 септември (1944 година, кога Отечествениот фронт ќе изврши преврат – н.з.) не се слави како некаков позитивен датум, а таму тоа е нивниот национален празник. Првата пушка, како еден сограѓанин убил друг сограѓанин од зад грб, и двајцата локални луѓе, и тоа сè уште е симболот на борбата против бугарскиот фашистички окупатор, дури и едното момче што беше убиено е внук на Дамјан Груев. Нема шанси внукот на Дамјан Груев да е бугарскиот фашистички окупатор, со кој тие ја започнаа борбата против лошите Бугари“, додава Ковачев.






