Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев инсистира за донесување закон за бугарско државјанство според кој тоа би се добивало не тајно, како сега, туку на јавна церемонија.
„Едно од првите нешта што според мене треба да ги направи новото Народно собрание е да го промени законот за бугарско државјанство така како што е во многу европски земји и во светот. Кога добиваш државјанство од една страна – тоа не е таен чин. Тоа е церемонија на која треба пред знамето и грбот да се дава документот за бугарско државјанство на соодветното лице што се кандидирало доброволно, што го докажало своето бугарско потекло, што изјавило во специјална декларација дека се чувствува Бугарин. Апсолутно несфатливо за мене е тоа зошто не го правиме тоа така. Едниот од аргументите што сум ги слушнал зошто тоа не се прави е за да не настрадаат тие лица и да бидат предмет на дискриминација, но тоа е нелогично. Бугарското државјанство е повод за гордост, а не за страв. Многукратно и писмено сум давал таков предлог на колегите од внатрешната комисија на бугарското Народно собрание. Се надевам дека тоа ќе се промени“, изјави Ковачев за телевизијата Бугарија он ер.
Ковачев во интервјуто го повтори ставот дека Албанија треба веднаш да почне преговори со членство во Европската унија, а Македонија откако ќе ги исполни барањата на Софија.






