„Во еден инсцениран ‘амбиент на одбележување на историски момент’, Али Ахмети порача дека ‘не постои национална историја на оваа земја без Националната ослободителна војска – УЧК’. Избегнувајќи да ѝ го спомене името на земјата Македонија, Ахмети не се стеснува да ги наметне амбициите и да издејствува ‘почесно место’ во историјата за својата војска, која имаше улога на агресор за македонската држава во 2001 година, убивајќи припадници на македонските државни институции, војска, полиција, дури и недолжни цивили…“ – вели Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Нов политички упад во историското толкување на процесите“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
„Со тргување со влијанието се бара почесно место за ОНА (УЧК) во македонската национална историја“
Павловска пишува: „Дваесет и една година по воениот конфликт од 2001 година во Македонија, и покрај Охридскиот договор и неговата примена во Уставот, останаа повеќе сериозни прашања од историско значење што поради политички опортунизам некако се поттурнуваат под тепих и не се бараат ниту одговори ниту одговорност. Една од заостанатите (нај)тешки теми е обидот за заборавање на четирите вратени Хашки случаи со тежина на воени злосторства, кои не застаруваат (и покрај Законот за амнестија за учесниците во конфликтот од 2001 година), но досега македонските правосудни органи не се охрабрија судски да ги процесираат. Некои од главните актери на конфликтот во Македонија и натаму се на листата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во која не е исклучено дека од сведок може да се премине на списокот на обвинети. Освен тоа, ниту по две децении, во македонското општество не е поставена дефиниција на природата на конфликтот. Но на 14 март претседателот на ДУИ Али Ахмети, заедно со соборците од времето кога се појави како лидер на милитантната ОНА, се потсети на 21-годишнината од ‘првите истрели на УЧК (ОНА) на Калето над Тетово“.
„Во амбиент на ‘одбележување историски момент’, Ахмети порача дека ‘не постои национална историја на оваа земја без Националната ослободителна војска – УЧК’. Избегнувајќи да ѝ го спомене името на земјата Македонија, Ахмети не се стеснува да ги наметне амбициите и да издејствува ‘почесно место’ во нејзината историја за својата војска, која имаше улога на агресор за македонската држава во 2001 година.’Оваа земја има неколку столба, без кои не може да стои на нозе. Почетоците се со Крушевската Република, тоа е и Националната ослободителна војна, тоа е и независноста, тоа е промената на Уставот, што претставува капак на историјата на оваа земја. И не постои историја без Националната ослободителна војка – УЧК, не постои историја без Охридскиот мировен договор.’ – порача Ахмети на комеморативниот собир на неговата партија. Со истакнувањето на ‘номинацијата за неизбежна и носечка вредност на ОНА во македонската историја Ахмети се придружи на трендот со политички диктат да се крои и прекројува историјата на Македонија.“
„Воено-конфликтните случувања од 2001 година се дел од македонската историја, но како ќе биде оценета улогата на ОНА во тие случувања е прашање на научно-историско согледување, а не на желба и процена на политичари. Веројатно и Ахмети смета дека политички може да ја истурка ‘историската вредност’ на својата милитантна формација од 2001 година во македонската историја, користејќи го трендов од последниве години на политичка агресивност од разни страни за интервенционизам во нашата историја. Но таквата идеја не е ниту политички мудра, со оглед дека не се завршени некои судски процеси за настани од таа 2001 година.’ – вели историчарот Александар Литовски.“
„За историчарката од Институтот за национална историја на Македонија, Наташа Котлар-Трајкова желбата на претседателот на ДУИ за наметнување историска вредност на неговата воена организација претставува политички упад во историското толкување на процесите. “Политичарите сметаат дека многу сериозни работи можат да ги добијат на принципот на желби и честитки. Квалификациите и желбите на политичарите во тој домен, особено со субјективна (па и објективна) вмешаност во настаните, претставуваат политички упад во историското толкување на процесите. За идеологијата, улогата и карактерот на дејствувањето на ОНА во 2001 година треба научна процена да дадат воени историчари, политиколози, социолози и правници, а не политичар што тоа движење од некаков воен фактор (терористичка организација) го трансформирал во политички фактор.“ – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.
Интернет-врска до целиот коментар:





