„23 Октомври е празник, со кој се одбележува организираната борба на македонскиот народ за духовно, народносно и политичко ослободување во тек на повеќе децении и векови. На овој датум во 1893 гoдина во градот Солун, вториот по големина град во османлиската држава е основана Македонската револуционерна организација (МРО). Во конкретното време таа претставувала повисока етапа во развојот на народноослободителната борба на македонскиот народ од крајот на 19.век. Петар Поп Арсов, еден од нејзините основачи, запишал дека со Македонската револуционерна организација отпочнал процес на организирање ослободително дело со „чисто внатрешен македонски карактер“. – објави универзитетската професорка д-р Наташа Котлар од Институтот за национална историја од Скопје на својот фејсбук-профил по повод денешниот државен празник и исклучително значаен датум од поновата историја на македонскиот народ. Професорката Котлар преобјавува свое пишување на фејсбук од 22 октомври 2019 година на оваа тема.
Натаму Котлар изнесува: Идејните определби на Македонската револуционерна организација биле: зачувување на територијалната целост на Македонија во рамките на османлиската држава и здружен отпор на народот, кого го мотивирале „причини подлабоки, пореални и поблиски до неговиот живот и неговата положба, одошто некакви патриотски одвлечени илузии“ (Ѓорче Петров).
Токму врз оваа основа Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Татарчев, Христо Батанџиев и Андон Димитров ги воспоставиле темелите на Организацијата (МРО, ТМОРО, ВМОРО) – најзначајниот субјект во ослободителните стремежи на македонскиот народ во периодот од 1893 до 1908 година. Постепено се зголемувал бројот на новите сили, а меѓу нив биле и Пере Тошев, Ѓорче Петров, Гоце Делчев, Јане Сандански, кои во народното паметење се забележани и како основоположници.
Во оваа така определена борба имало и многу дилеми, многу внатрешни превирања, имало многу притисоци однадвор, посебно од соседите. Сепак, ова македонско организирано револуционерно движење кренало востание на Илинден (2 август 1903) и доживеало кратотрајна слобода (Крушевската репубика), но и за првпат политичко-територијално индивидуализирање на Македонија (т.н. три вилаети) со Мирцштегските реформи на големите сили.
Во годините по поделбата на македонскиот народ и неговата земја од страна на балканските држави идејата и активностите за политичка и национална еманципација не запреле, напротив, во НОБ довеле до создавање македонска држава барем на македонската територија, со која овладувале македонските вооружени единици и на која имало државно-политичка организација – Првиот АСНОМ во1944 година. Како и во многу други и поблиски и подалечни европски народи и земји, така и борбата на македонскиот народ за политичко и национално ослободување има свој историски тек, карактер и датум.




