„И македонската историја во својата комплексност и хронологија го бележи учеството на жената во борбите за општествени промени и конкретни права. Нејзиното чекорење кон ослободување на сопстевниот род, личност, но и заедница – народот, понира длабоко во историското минато, пишува Наташа Котлар, професор во Институтот за национална историја – Скопје во пресрет на 8-ми март, Меѓународниот ден на жената, востановен во 1910 г. на Втората меѓународна женска конференција одржана (Копенхаген) во организација на Социјалистичката Интернационала и прифатен и прогласен од ОН дури во 1975-та.



Во пригоден напис за “Скопско ехо“ Котлар пишува:

„Одејќи по трагите на средновековните историски извори наоѓаме податоци за учество на жената во богомилското движење и во антифеудалниот отпор. Народната меморија го бележи нејзиниот отпор и реакција на насилната исламизација за време на османлиското владеење (Калеш Анѓа, Злата Мегленска). Во преведените турски документи за ајдутството и арамиството во Македонија, го среќаваме и првиот пишан податок  од 1636 г. за жена – ајдутка.

Податоците за женската борбеност и немирење во османлискиот период остануваат лапидарни сè до крајот на XIX век. Најпрвин поединечно, но многу брзо и групно, женското дејствување прераснува во масовно учество во организираното ослободително движење. Во револуционерните редови, македонските жени се вклучуваат и даваат голем придонес како учителки – револуционерки, везилки на револуционерните знамиња и нивни заштитнички во критичните моменти, логистичка подршка на дејците и четите, нивна инспирација за истрајност, рамноправни борци во четите, активистки и пред сè девојки, мајки, сопруги, сестри, љубени.

Во оваа смисла, карактеристичен е ставот на војводата Никола Петров–Русински: „Жената има потреба од осознавање на нејзините права – дајте ѝ ги, таа е прекрасна агитаторка и организаторка на револуцијата… жената е неделив дел од човековиот бит; таа е мајка, таа е воспитувачка, таа е домаќинка, таа е одговорно лице и пред мажот во денешното капиталистичко општество, во кое егзистираат два закона – еден на правата на мажот и другиот за обесправеноста на жената“.

Во неможност да ги напишам имињата сите жени – борци од овој период, ќе споменам само неколку: Рушка Делчева, Анастасија Узунова, Ана Малешевска, Зоица Иванова, Константина Н.Бојаџиева, Славка Чакарова, Јустинијанка Каневчева, Клио Самарџиева, Павлина Пројчева (Хаџи Панзова), Роса Плавева (Дели Роса) и Накие Бајрам, Руменка Хаџи Панзова и др. Длабоко сугестивни и решителни, силно впечатливи, со возвишени, но реални особини, овие први жени се инспирација и за следната  генерација жени борци и патриотки: Магдалена Антова, Блага Рампова, Фана Кочовска – Цветковиќ, Oливера Верa Јоциќ, Елпида Караманди, Ибе Паликуќа, Естреја Хаим Овадија – Мара, Мирка Гинова и многу, многу други.

Оваа македонска, женска историја се одликува со херојство што обврзува – да се презрат личното задоволство и среќата во корист на возвишеното – слободата, татковината! Затоа единствениот начин за чествување на Денот на жената е да се знае и следи примерот на овие знајни, но и на многуте незнајни жени и да се прегрнат нивните завети и епски подвизи. Честит 8 Март!