Котлар до Шолц: Наместо „храбри“ политичари, ни треба како Штепан, кој рече сами да решаваме за својот идентитет и име!

„Среде Скопје Шолц е одушевен од храброста на македонските политичари, која тие, пред неколку години, силно ја вложиле за надминување на проблемот со Грција. Затоа, сега тој ни ветува дека ќе добиеме датум за членство во ЕУ! Искрено му порачувам: а чуму ни е датумот! Па ние, Македонците и со него и без него секој ден умираме, исчезнуваме!“ – реагираше универзитетската професорка по историја Наташа Котлар од Институтот за национална историја, со објава на својот фејсбук-профил во врска со денешната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц во Скопје.

Котлар пишува: „Шолц нека си ги земе со него ‘храбрите’ политичари. Нам, на Македонците, ни требаат умни, чесни и разборити политичари! Еве, да го потсетам на еден таков умен политичар, баш германски – на првиот вонреден и ополномоштен амбасадор на СР Германија во Република Македонија – Ханс Лотар Штепан. Тој многу умно велеше: ‘Сите народи во светот го имаат тоа право [на самоопределување], така и Македонија може сама да решава за својот идентитет, за своето име. Никој не треба да се меша… Македонците имаат најголемо право за употреба на своето име Македонија.’ Е, ваков политичар ни треба, а потоа може и датумот да ни го ветат!“