„Десет години по мојата прва посета на Македонија утре ќе одржам рецитал на меѓународно ценетиот 32. Меѓународен фестивал за камерна музика ‘Интерфест’ во Битола. Ќе отпеам 5 оперски арии, една јапонска народна песна и 5 македонски песни, вклучувајќи песни од Јонче Христовски – мојот идол. Многу сум среќен и почестен што ќе настапам на овој фестивал.“ – изјави денес за „Експрес“ јапонскиот оперски бас-пејач Казухиро Котетсу.
Овој голем пријател на Македонија ги започна своите први дружења со нашата песна и култура во 2013 година кога на препорака на оперскиот пејач и негов пријател Благој Нацоски го отпеа својот прв репертоар на македонски песни, започнувајќи со „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ во Скопје и Битола таа година.
Котетсу беше запрашан од „Експрес“: Со какви чувства доаѓа и оваа година во Македонија, земјата чиј македонски народ го пречекува не само со широко отворени раце, туку многу повеќе и со широко отворено срце?
„Ова е моето прво доаѓање во Македонија по избувнувањето на ковид-пандемијата и затоа сум многу возбуден. Најголемо задоволство би било за мене кога многу Македонци би биле среќни да ме слушнат како пеам. Јас научив како да пеам италијанска опера, но можеби мојот начин на изведување на македонските песни не е толку традиционален. Искрено се надевам дека оваа посета на мојата сакана Македонија нема да ми биде и последна и оти ќе продолжам да доаѓам и во иднина.“ – одговори јапонскиот уметник Котетсу на тоа прашање.
Како гледаат Јапонците на Македонија, колку се запознати со македонскиот народ, со неговиот идентитет, јазик и музика?
Во одговорот на ова прашање Котетсу посочи: „Морам да кажам дека нема многу Јапонци, кои би можеле да зборуваат за културата на Македонија. Јас сум веројатно единствениот уметник во Јапонија, кој организира концерти на македонски песни, проследено со дегустација на македонски вина.“
Видео-снимка на јутуб на легендарната песна на Јонче Христовски Македонско девојче“ во изведба на Казухиро Котетсу:





