Поранешниот премиер на Бугарија, Иван Костов, кој во 1999 година тсо македонскиот колега Љупчо Георгиевски потпишаа заедничка декларација, со што се отвори реална можност за решавање на спорните проблеми и нормализирање на односите, смета дека почетокот на преговорите на Македонија и ЕУ во декември треба да се одложи.
Според него, политичарите во Македонија се обидуваат да извршат притисок врз Софија преку европските земји за промена на позицијата.
Костов вели дека „земјите-членки на ЕУ се во можност да разберат дека проблемот е нивен бидејќи не можат да прифатат земја како членка со толку огромни дефицити“ и зависности наследени од комунистичкото минато во рамките на поранешна Југославија.
Без оглед на договорите што ќе бидат потпишани, нема да се прават соодветни напори во Македонија за нивно спроведување“, вели тој
за бугарското Радио Дарик, пренесува News.bg.
Костов вели наместо да се расправа околу историјата, Бугарија да инсистира на вклучување на преговарачко поглавје во кое ќе бидат напишани услови, без чие исполнување Македонија нема да може да влезе во ЕУ.
Според него, ова би било поприфатливо за сегашните политичари во Скопје и би било гаранција дека секој што ќе дојде на власт ќе ги почитува.
„Ова ни се случи – прво од нас беше замолено да реформираме, а потоа да бидеме прифатени. Ние исполнивме речиси сè, нешто не исполнивме и затоа сме мониторирани 13 години“, вели поранешниот премиер.
Според него, преговорите меѓу Македонија и бугарската влада треба да продолжат, но со променет фокус – преговори за патоказ со кој соседот ќе биде должен да ги исполни сите услови да стане членка на ЕУ.




