Покрај со недоличен речник и со навреди за најголемата опозициска партија, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, го прослави донесувањето на Законот за јавно обвинителство со знакот за обединета Македонија?!
„Јас и професор Ферид Мухиќ заедно со уште 78 колеги ги победивме бандитите во ВМРО-ДПМНЕ.
Северна Македонија мора да биде правна држава, во која ќе владее правото.
Само така ќе обезбедиме сигурна иднина за оваа и за идните генерации.
Ова е само мал поздрав до бандитите во белата палата, оти тастатурите ги искршија од пишување за мене, па еве да не им биде залудно ?“, објави на Фејсбук пратеникот на владеачката партија.
Дали со знакот со прстите Костадинов ги провоцира политичките противници или соседните земји во кои има делови од Македонија – прашање е сега.
Со овој гест струмичанецот им се придружи на ракометарите Наумче Мојсоски и Борко Ристовски, кои знакот го користеа во дресот на репрезентацијата при интонирањето на македонската химна. Мојсоски, претседател на Комисијата за спорт на СДСМ, тоа го правеше на Европското првенство 2012 во Србија и подоцна, а знакот за обединета Македонија го употребува и „министерот за одбрана“ Борко Ристовски, стратешки соработник за спорт на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.






