Новата влада на Косово треба да биде изгласана денеска во косовскиот парламент во Приштина 4 месеци по одржување на изборите на кои победи движењето „Самоопределување“.
Новата влада ќе ја предводи лидерот на Самоопределување, Албин Курти.
Коалиционата влада ја составија Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), на Иса Мустафа, по долги преговори што траеја два месеци од објавувањето на конечните резултати и четири месеци од изборите што се одржаа на 6 октомври минатата година.
Владата ќе биде избрана доколку добие поддршка од просто мнозинство – 61 од вкупно 120 пратеници.
Самоопределување во парламентот има 29 пратеници, додека ЛДК 28.
Доколку предложениот состав на кабинетот на Албин Курти не го добие потребното мнозинство, претседателот Хашим Тачи, ќе предложи нов мандатар.
Ако и тој обид не успее ќе се одржат нови предвремени избори.





