Силите на безбедноста на Косово, кои претставуваат зародиш на идната војска на Косово, ќе бидат засилени со 850 нови млади регрути – информираше весникот на албански јазик „Лајм“.
„Лајм“ пишува: „Министерот за одбрана на Косово Арменд Мехај на говорницата на Собранието на Косово кажа: ‘Многу бргу ќе биде објавен најголемиот до сега конкурс и ќе бидат примени околу 850 регрути во Силите на безбедноста на Косово.“
Инаку, Силите на безбедноста на Косово, или како што се нарекуваат и „Војска на Косово“, во моментов имаат пет илјади активни војници и три илјади резервисти. По приемот на новиот контингент на регрути Силите на безбедноста ќе се доближат до бројката од околу 6 илјади војници. Оваа косовска воена формација, формирана во 2009 година по распуштањето на Косовскиот заштитен корпус, се наоѓа во процес на трансформирање како вистинска армија. Повремено добива одредено воено вооружување од САД и други држави – членки на НАТО.
Кон средината на годинашниов септември македонскиот премиер Зоран Заев ја потпиша СОФА – спогодбата за соработка со Косово на воено поле, со која на косовската војска и се овозможува слободно да влегува и излегува во и од Македонија, привремено да престојува во неа и да може да минува низ (транзит) на територијата на Македонија. Потпишувањето на СОФА – спогодбата со Косово наиде на многубројни негативни реакции во Македонија.
https://lajmpress.org/mehaj-do-te-hapet-konkurs-per-850-rekrute-ne-forcat-e-kosoves-fsk/





