На следната седница на косовската влада закажана за вторник се очекува да биде повлечена одлуката за зголемените царини за увоз на македонските производи.



Косово пред десетина дена и среде сезона, ги зголеми за 30 насто царинуите за 21  земјоделски производи со објаснување дека со тоа им помага на домашните производители. Набрзо ја смени одлуката, но останаа повисоките царини за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето, на кои отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар.

Министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши вчера по средбата со косовскиот министер за трговија и индустрија, Бајрам Хасани, доби уверување дека проблемот мора да го реши косовската влада која и ја донела одлуката за зголемените царини.

„Добив уверување од косовската страна дека овие наши забелешки ќе бидат земени предвид и со оглед на фактот што станува збор за владина одлука, на првата наредна седница на Владата на Република Косово, аргументите кои ги дадовме од наша страна ќе бидат изнесени пред членовите на Владата за да се изнајде решение кое ќе биде взаемно прифатливо. Јас и лично верувам дека во најсокоро време ќе ја продолжиме досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни “ стои во писменото соопштение на министерот Бектеши.