Косово уште не го испорачува осудениот Африм Исмаиловиќ

Осудениот на доживотен затвор во процесот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, Африм Исмаиловиќ се уште е во Косово а тамошните власти не одговориле позитивно на барањето за екстрадиција на осуденикот.



Портпаролот на Министерството за правда Александар Видиновски за МИА изјави дека косовската страна побарала гаранции дека доколку Исмаиловиќ биде екстрадиран во земјава, ќе има повторено судење.

„Тие гаранции Судот ги даде, и преку Министерството за правда уште пред десетина дена се веќе испратени. Се уште нема одговор од косовска страна“, потврди Видиновски за МИА.

„Министерството за правда ќе преземе се што треба и ќе инсистира лицето Африм Исмаиловиќ да биде екстрадиран во Северна Македонија“, вели Видиновски.

Законот во Северна Македонија овозможува секој што е осуден во отсуство, да има право да бара повторено судење.

На 1-ви април, по сообраќајна несреќа во Косово, Африм Исмаиловиќ беше однесен во полициска станица и е утврдено дека тој се бара со потерница.

Тогаш косовската полиција го извести нашето МВР дека лицето е идентификувано и е утврдено дека за него има барање за екстрадиција.

Покрај Исмаиловиќ, во бегство во Косово е и Алил Демири, исто така осуден на доживотен затвор во процесот „Монструм”, а Косово со години не ги екстрадира овие лица и покрај барањата на македонските власти.

Од косовското Министерство за правда не даваат одговор на прашањата поврзани со барањето за екстрадиција повикувајќи се на доверливост на постапката во поглед на меѓународна правна соработка. 

Според извори на МИА од Приштина, Исмаиловиќ е пуштен од притвор и е со мерки на претпазливост.