Македонија го совлада Косово со 2:1 и се пласира во финалето од плејофот во дивизијата Д од фудбалската Лига на нациите, а со тоа и на чекор до историски пласман на Европско првенство!
Во тој дуел на 12 ноември „црвено-жолтите“ ќе ѝ гостуваат на Грузија, која на првата полуфинална средба дома беше подобра од Белорусија со 1:0, а победникот ќе дебитира на ЕП.
Македонските фудбалери поведоа во 16. минута со автоголот на Бенјамин Кољоли, кој ударот на Стефан Ристовски од десната страна го одби во сопствената мрежа.
Гостите израмнија во 29. минута по грешката на голманот Столе Димитриевски и на дефанзивецот Дарко Велкоски, која ја казни Флорент Хадерѓонај.
Четири минути подоцна ново водство на избраниците на селекторот Игор Ангеловски им донесе Велкоски, кој нафрлената топка од Енис Барди од слободен удар со глава ја смести во противничката мрежа.
Македонија беше многу подобар противник, имаше 15 удари кон голот на Косово, наспроти деветте на гостите, а ѝ беа поништени и два гола поради офсајд.






