Неколку косовски општини, од петокот, 13 ноември, се очекува да бидат ставени под карантин, а ќе биде воведен и полициски час за граѓаните од 19 до 5 часот наутро, соопшти на денешната прес-конференција премиерот Авдулах Хоти.
Причина е големиот пораст на бројот на заразени од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Станува збор за седум општини, меѓу кои и главниот град Приштина, кои се класификувани во таканаречената „црвена зона“, поради процентуално најголем број заразени и починати од Ковид-19.
Хоти најави и други мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, кои засега се предлози, но изрази уверување дека ќе бидат изгласани во Владата и ќе стапат во сила од петок.
Според последниот извештај , вчера биле извршени 1.559 тестирања, и регистрирани 96 нови случаи на ковид. Починале 5 лица, со што бројката на жртви на епидемијата достигна до 773.
Од појавата на епидемијата вирусот е откриен кај 25.388 од вкупно 110.040 испитаници, активни заболени во Косово, според последните официјални информации, се 8.253 лица.




