Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по победата над Александар Ковачевиќ од Австралија во првото коло на Ролан Гарос денеска упати порака: „Косово е срцето на Србија. Стоп за насилството“, поттикната од судирите меѓу Србите и косовската полиција во Звечан.



„Не сум политичар и немам намера да навлегувам во политички дебати. Тоа е чувствителна тема и секако многу ме боли ова што се случува на Косово. Нашите луѓе беа избркани од општините. Најмалку што можев да направам е ова. Се чувствувам одговорен како јавна личност. Како син на човек кој е роден во Косово, чувствувам и дополнителна одговорност да покажам поддршка за народот и за Србија. Многумина не знаат што носи иднината за Косово и за српскиот народ и многу е важно да се покаже хармонија и поддршка во такви ситуации. Не знам што ќе се случи. На социјалните мрежи имаше доста забелешки од странски новинари. Не знам дали ќе ме казнат. Немам задршка, би го направил пак. Јас сум против војни, насилство, конфликти и тоа секогаш сум го искажувал во јавноста. И секако дека имам сочувство за сите луѓе, но едноставно оваа ситуација со Косово е преседан во меѓународното право и Повелбата на ОН. Знаеме што се случи, сите знаеме за резолуцијата 1244. Многу ми е жал што се наоѓаме во ситуација која е незавидна за нас. Косово е нашето огниште, упориште, центар на најважните настани за нашата земја. Таму се случи најголемата битка, таму се најважните манастири. Има многу причини зошто го напишав тоа пред камера“, изјави третиот носител на прес-конференцијата по мечот.