Европскиот парламент во Стразбур денеска без гласање ја одобри одлуката за визна либерализација за граѓаните на Косово, јавуваат медиуми.



Новите правила ќе им овозможат на имателите на пасоши издадени од властите во Приштина да влезат во ЕУ без виза во период од 90 дена во кој било период од 180 дена, а треба да стапат во сила од 2024 година.

По усвојувањето во ЕП, визната либерализација за Република Косово треба да биде потпишана и објавена во службениот весник на ЕУ.

Укинувањето на визите за граѓаните на Косово кои патуваат во ЕУ беше предложено од Европската комисија во декември, врз основа на оценката дека земјата постигна значителен напредок во сите области од патоказот за либерализација на визниот режим.

Визното ослободување ќе стапи на сила кога ќе се воспостави Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS), до почетокот на следната година.

Утре ќе се одржи церемонијата на потпишување на правниот акт на која ќе учествуваат претставници на ЕП и на Советот на министри на ЕУ.