Позитивниот тест на 89-годишната велешанка почината во јануари, а најдена заедно со телото на нејзиниот 53-годишен син на 6 април, покажува дека коронавирусот бил присутен во Македонија одамна пред првиот регистриран случај на 26 февруари!
„Со оглед на тоа што значајно е зголемена бројката на заболени од грип годинава, некаде за околу 17.000 пациенти во споредба со околу 20.000 од минатите години, не е исклучена можноста вирусот и порано да бил присутен, посебно поради асимптоматските носители на вирусот“, потврди министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека кај едно од лицата од Велес вирусот е најден во дишното стебло.
Тој најави дека дополнително ќе се анализираат примероците од заболените од грип годинава во Институто за јавно здравје, откако значително ќе опадне бројот на новодијагностицирани од Ковид-19.
Филипче соопшти и дека во Македонија последните 24 часа се регистрирани 48 новозаразени лица од коронавирус, со што вкупната бројка порасна на 711. Истовремено, забележани се два смртни случаја и со нив сега има вкупно 32.






