Медицински работници од кумановската болница кои го прележале коронавирусот и добиле два негативни теста, повторно се инфицирале и добиле позитивен брис, иако мислеле дека вирусот е зад нив, пишува „Слободен печат“.
Во еден од случаите, станува збор за болничарка која водена од хуманоста отишла да донира крвна плазма за да му помогне на друг човек да се излекува и при стандардните рутински проверки кои му се прават на секој излекуван пациент, дознала дека всушност во моментот е носител на вирусот и дека не може да донира. Оваа информација била шокирачка за сите, си помислиле да не е грешка, но набрзо се појавил уште еден ист случај.
Директорката на Општата болница Куманово, доктор Снежана Захариева, за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и истакна дека самиот вирус за сите е непознаница, дека клиничките слики и интензитетот на сериозноста на случаите варира и дека единственото правило е дека нема правила.
Во Куманово треба да се потврди дали кај пациент кој прележал КОВИД-19 повторно му се вратила болеста, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Во светот да, има такви случаи, има мутација на вирусот, има потврда на рецидив на болеста, а се очекува во Куманово набрзо да се потврди дали има таков случај, рече Филипче.





