Коронавирусот и понатаму коси: 9 починати и 90 новозаразени

Деветмина починати и 90 нови позитивни случаи е билансот од борбата со Ковид-19 во последното деноноќие во Македонија.



Петмина од починатите се од Скопје, двајца од Тетово и по еден од Охрид и од Гостивар.

На Клиниката за инфективни болести почина пациент од Скопје (90), хоспитализиран на 15 јуни. На Институот за белодробни заболувања и ТБЦ е починат пациент од Скопје (64).

Во болницата „8 Септември“ починаа, пациентка (70) од Скопје, хоспитализирана на 10 јуни, пациент (61) од Гостивар, хоспитализиран на 17 јуни и пациент од Скопје (57), примен на 17 јуни.

На барање и со потпис од семејството од болница е испишан пациент од Скопје (64), кој починал во својот дом откако бил пренесен со возило на брза помош. Хоспитализиран бил на 17 јуни во тешка состојба како сомнителен на Ковид, а потврден позитивен по приемот.

Во болницата во Тетово починати се две лица, пациент (60), хоспитализиран на 20 јуни и пациентка (70), хоспитализирана на 15 јуни. Во болницата во Охрид вчера е починат пациент (64), чиј позитивен резултат е потврден денес.

Во последните 24 часа направени се 665 тестови, а регистрирани се и 48 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата е 5.196, оздравени се 1.974, починати 247, а бројот на активни случаи изнесува 2.975.