Од март годинава американските милијардери го зголемиле своето богатство за 34 проценти – или за 1.000 милијарди долари, покажува анализата на американскиот Институт за политички студии.
Анализата покажува енормно богатење на 650 луѓе, во време кога на скоро седум милиони Американци им се заканува губење на домовите по истекот на мораториумот на крајот на годината.
Сопственикот на Амазон, Џеф Безос го зголеми своето богатство за 69,4 милијарди долари од 17 март до 24 ноември. Сега најбогатиот човек на светот тежи 182,4 милијарди долари.
Убедливо најголемата добивка оствари извршниот директор на Tesla и SpaceX, Илон Маск, кој стана побогат за 101,6 милијарди долари – од 24,6 милијарди на 126,2 милијарди долари – што е зголемување за 414%.
На списокот на петте најбогати се најдоа и основачот на Мајкрософт Бил Гејтс, сопственикот на Фејсбук Марк Цукерберг и еден од најпознатите светски инвеститори Ворен Бафет.
Во анализата се наведува дека американските милијардери сега поседуваат 3,5 проценти од вкупното богатство во приватна сопственост во земјата.





