Корнети: „Беше оставено да се случи и судир, за да се дискредитира одбивањето на Македонците да се откажат од идентитетот“

„Уште од самата најава за граѓанските протести против францускиот предлог за наводно одблокирање на македонските евроинтеграции со почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, јавноста беше предупредувана од можноста за подметнување провокации и провокатори со различни задачи и намери, но главно за дискредитирање на пораката што сакаат да ја упатат тие што протестираат.“ – пишува Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „По француски предлог и пиштоли кон народот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Сцени од Дивиот Запад на плоштадот ‘Скендербег“

Павловска пишува: „Инцидентите што се случија во последните два дена од протестите – каменување на Собранието и на МНР, а особено закана и нишанење со огнострелно оружје кон групата во движење, што се случи на плоштадот ‘Скендербег’ – ја поставува дилемата за подготвеноста на безбедносните структури да им ги обезбедат сигурноста и безбедноста на граѓаните. Вакви сцени на мавтање со пиштол како од вестерните за Див Запад се навистина крајно иритантни и недозволиви.“

„За политичките и општествените аналитичари, предизвикувањето инциденти на протестите секако е во прилог на дестабилизација на општеството, особено во миг што македонските граѓани го чувствуваат како пресуден за носење историска одлука за зачувување на националниот идентитет пред ултиматумите за себенегација, завиткани во некаква ‘европска обланда“.

„Оние што треба да им ја гарантираат безбедноста на граѓаните на такви масовни настани, како да оставиле намерно да се случат инциденти на протестите. Како да се остава да бидат предизвикани меѓуетнички напнатости, па дури и судир, за да се дискредитираат мотивот и пораката на протестот – дека за Македонците и Македонија е неприфатлив предлогот за преговори со ЕУ, во кој како услов се поставува откажување од македонскиот национален идентитет. Намерата со дестабилизацијата и инцидентите е општеството да биде немоќно во заштитата на националните интереси, кои се загрозени со т.н. француски предлог како Македонија да почне преговори со ЕУ.’ – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.“

„Пукање кон толпа не оправдува ништо. Исто како што не се оправдува да му се каменува хотелот, ако му бил каменуван. Каде беше полицијата? Демек, не знаат да проценат дека тука е најопасно за судир.’ – го коментираше адвокатот Јанаки Митровски на општествените мрежи инцидентот со насочување на огнострелно оружје кон групата што се протестираше и што се движеше во центарот на Скопје, кај плоштадот ‘Скендербег“.