Контролорите за лет ќе штрајкуваат за побезбедно небо

Целосна поддршка на барањата на Струковиот синдикат на контролорите на летање (ССКЛ) кој најави штрајк за 12 октомври, соопшти денеска Здружението на контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ).



Контролорите на летање на 12 октомври ќе штрајкуваат – од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови

„Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот.

„Ние, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање, работиме во супстандардни услови 24/7, речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, ладење и греење кои не се сервисирани долги години, недостаток и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје“, стои во соопштението,.

„Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа.

Токму поради овие причини застануваме покрај ССКЛ и ја поддржуваме одлуката на Синдикатот за штрајк, а воедно бараме од менаџментот на М-НАВ да се воздржи од лични напади кон поединци како и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците контролори на летање, а и сите останати професионалци и оперативен персонал. Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство“, истакнуваат од ЗКЛМ.