Државната секретарка за Европски прашања во француското министерство за надворешни работи која учествувала на вчерашниот состанок на Советот на ЕУ настапила со делумно нејасни и за Македонија потенцијално опасни позиции.
Амели де Монтпалин која има статус на министерка, во врска со проширувањето на ЕУ настапила со позиција според која процесот на проширување мора пред се да го земе предвид приоритетот на “засилено единство и подобрување на операциите на ЕУ”, и дека проширувањето е базирано на ригорозни критериуми и остварувања на кандидатите без притоа да биде поставена временска рамка.
Монтпалин во Брисел пристигнала со намера да ја потенцира поддршката за поголемо инволвирање на ЕУ на Западниот Балкан подвлекувајќи дека “проширувањето не може да биде единствена алатка за менаџирање на односите со тој регион”.
Дел од набљудувачите на процесот на проширување се збунети од ваквата официјална позиција на Париз.
За нив не е јасно дали покрај проширувањето Париз се залага паралелно да се најдат и други механизми за помош или пак Франција сака да го замрзне проширувањето а во меѓувреме да се организираат друг вид на алатки за менаџирање на состојбите во регионот од страна на ЕУ.
Доколку во прашање е втората опција тоа би било погубно за Македонија која во тој случај
И во октомври ќе остане без датум.
Вториот момент во позицијата на Монтпалин што е нејасен е поврзан со непостоење на временска рамка, што за Македонија во најлошото сценарио би можело да значи дека октомври како временска рамка за добивање датум или крајот на годинава како рок за почеток на отварање на поглавјата (според изјавата на премиерот Заев) не значат ништо и тие нема да бидат испочитувани.
Сосема е извесно дека до октомври и декември Франција и ЕУ нема да ја остварат целта “засилено единство и подобрување на операциите на ЕУ” кои за Париз се главен приоритет кој треба да го земе предвид проширувањето.
Франција е една од седумте земји кои вчера во Брисел рекле “НЕ” за почеток на преговори за Македонија и Албанија.





