Кој е крив што Скопје се „давеше“ во ѓубре?! Иако вработените во „Комунална хигиена“ го прекинаа протестот и се вратија на работа, сликата во главниот град и натаму е лоша. Тие порачаа дека се враќаат на работа за во големите горештини граѓаните да немаат последици од сметот, а револтот кој ќе продолжат да го манифестираат, ќе биде преку законски средства. Директорката на “Комунална“, Косана Мазнева изјави дека работата на претпријатието се враќа во нормала. Таа вели дека МВР и Обвинителството доставиле документи со кои се докажува кривичното дело кое траело со години во ова претпријатие.

Имено, градоначалничката Данела Арсовска вели дека во Комунална хигиена примале плати и вработени кои живееле во странство. Според Арсовска, во комуналец имало и семејни вработувања. Имало дури 70 лица од едно семејство, а 43 од друго. Арсовска, исто така, обвини дека 15 години исти луѓе работат во ноќни смени и примаат за 36 отсто повисоки плати, многу од нив дури и без да одат на работа. За ова таа ги обвини претходните директори на претпријатието.

Но, градоначалниците на скопските општини денеска побараа од Арсовска надлежностите на скопската Комунална хигиена и механизацијата да им бидат предадени во владеење на на општините за тие самите да формираат општински комунални претпријатија и да се справат со отпадот. Но, Арсовска ова барање го отфрли.





