Константин Коцев од Кочани, радиолог во Клинички центар во Белград и офицер за допинг контрола во Антидопинг агенција на Србија, во статусот на денот на Фејсбук ја портретира, како што вели, „мојата Македонија“.

„Вашата Македонија завршува во партискиот штаб.
Мојата… допрва почнува кога ќе ја поминам границата.
Мојата… во чекор ме следи. И со секој изминат километар, повеќе расте.
Мојата… може да биде и видлива и невидлива.
Мојата Македонија е најпростата вистина и најсложената убавина. Во сите бои се менува и во сите можни облици се престорува, докажувајќи ја својата божествена сеприсутност.
Мојата, впрочем, и нема граница. Мојата е и северна и јужна… и источна и западна. Мојата… компасот го побудалува, зашто и тој е вљубен во неа.
И горна е, зашто оди високо… до вселената! Таму, каде што се случи човештвото да прати македонско писмо за прво, а и за тоа не знаете.
Мојата Македонија е најмоќната именка.
Мојата Македонија е најубавата поезија.
Мојата Македонија е неправилниот ритам, без кој нема музика.
Мојата Македонија е естетика.
На мојата Македонија, Сонцето ѝ е знаме. Зашто, поинаку… не може.
8.4.2019, 13:30
Белград, Србија
Фотографија:
14.11.2018, 14:17
Археолошки локалитет „Стоби“, Македонија





