Коњановски: СДСМ и Поинаку ја започнаа предизборната кампања на штета на Битола

 

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски одржа прес конференција со цел како што рече, да ги образложи новонастанатите ситуации во текот на вчерашниот ден, за време на седницата на Советот на Општина Битола.



„Како градоначалник, во досегашниот период, покажав доблест и отвореност за соработка со сите советнички групи. Дури, иако за Проектот „Реконструкција на поранешниот ресторан „Парк”, имаше поделени мислења во јавноста, сепак на барање на СДСМ, прифатив, општинската администрација да ги изврши потребните подготовки за реконструкција на објектот, настојувајќи да се обезбедат потребните средства и очекувајќи заедничко дефинирање на функционалноста на објектот, во соработка со Министерството за култура.

Во ваквите заложби, добивме и поддршка од Министерството на подготвената апликација по јавниот повик, во износ од 9.000.000 денари. Дополнително, потребно беше, како општина да обезбедиме уште 49.124.084 денари со измена на развојната програма.

Вчера, новото мнозинство во Советот, оневозможи реализација на овој проект, не дозволувајќи точката да се стави на дневен ред, иако, напоменувам, самите тоа го бараа од мене: средства за реконструкција на „Парк”. Во трката за пратенички места и желбата да биде спротивно од барањето на градоначалникот, гласаа сами против себе, истовремено гласајќи и против Битола. Не гласаа за потпишаниот договор од нивната министерка, за проектот, кој повеќе од две години го бараат.

И не само против овој проект, гласаа и против своите ветувања за време на предизборната кампања. Измената во развојната програма, ќе овозможеше реконструкција на „Парк” со општинските средства планирани за велосипедски патеки, а со усвојувањето на измената на одлуката за кофинансирање на Проектот „Smart4you2″, ќе дадеа шанса за искористување на одобрените европски средства за изградба на велосипедските патеки. Новото мнозинство имаше можност да стои зад реализацијата на два големи проекти.

Денес, нивна е заслугата за суспендирањето на проектот, за кој треба да доставиме извештај до 20 февруари, а согласно писмото од Делегацијата на Европската унија, со недонесувањето на Одлука на Советот и нереализацијата на најголемите трошоци во проектот, наменети за изградба на велосипедски патеки, прекуграничниот углед на проектот е сериозно нарушен.

Тука, штетата е на Битола, на општинскиот буџет, но и на активностите на останатите партнери во проектот: општина Пустец, НУ Завод и Музеј од Битола, Младинскиот културен центар од Битола и Директоратот за заштита на културното наследство од Корча.

Во назначениот период, Општина Битола ќе испрати писмо до Делегацијата на ЕУ, во кое што ќе наведеме дека, спречени сме да продолжиме со реализација на проектот и како водечки партнер, ќе информираме дека со ваквата ситуација нема можност за реализација на проектните цели, првично планирани на ниво на партнерство, кај сите вклучени страни, врз кој основ и бил одобрен проектот.

На овој начин, не само што губи Битола, невладиниот сектор и националната установа од нашиот град, за жал во целосна неизвесност, новото мнозинство во Советот ги стави и нашите партнери и соработници од Пустец и Корча.

Нашата ситуација во Советот е една од причините, поради кои Македонија бележи слаба искористеност на европските фондови.

Додека се обидуваат да манипулираат со битолчани, се прашувам, дали новото мнозинство размислува каква слика остава на меѓународно ниво? Која ќе биде идната сериозност на општината за реализација на нови проекти? И најпосле: Кој и каков треба да биде мотивот да се гласа против проектите за кои и самите се залагале?

Едно е недвосмислено: Новото мнозинство во Советот, покажа дека предизборната кампања во Битола започна и ако овој е начинот на кој сакаат да продолжи да функционира државата, тогаш повеќе од јасно е дека, нивната политика е онаа која на деструктивен начин ќе продолжи да ги принудува младите на бегство од нашата Македонија, онаму каде што се почитуваат човечките и европските вредности.

Сепак, морам да нагласам дека, ветив промени и нови проекти и ова не е пораз за мене, туку поттик, да најдам начин да успееме заедно со битолчани во реализација на приоритетите на градот“ рече Коњановски.