Единаесет американски конгресмени му испратија писмо на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кое изразуваат поддршка за членство на Македонија во Северноатлантската алијанса.
„Од воспоставувањето на целосни дипломатски односи во 1995 година Соединети Американски Држави ги поддржуваат аспирациите на Македонија за целосна интеграција во
евроатлантските институции и остануваат посветени на помагањето на Македонија во зацврстувањето на нејзините демократски основи. Енергичната, мултукултурна нација Македонија има светла иднина пред себе. Со нетрпение очекуваме да работиме со владините институции и со народот на Македонија за да обезбедиме таа да го реализира својот полн потенцијал. Веруваме дека е време за членство на
Македонија во НАТО.
Заедно со нашите партнери од извршната власт, ние во Конгресот одблиску ја посматравме политичката и дипломатската ситуација што ја опкружуваат Македонија. Со оглед на тоа дека Македонија продолжува на патот кон посилна иднина, гледаме огромна можност за понатаму да го промовираме нашиот цврст однос со овој клучен балкански сојузник. Посебно сме охрабрени од надежта за напредок низ разговорите под капата на ОН и од волјата на македонските и на грчките лидери да ги унапредат меѓусебните односи.
Соединетите Држави ја демонстрираа вредноста на своето партнерство со Македонија. Гледаме дека, како што се развиваат способноста и капацитетот на нејзините институции, Македонија е сè поподготвена да биде целосен партнер во НАТО. Македонија ја демонстрира својата решеност преку нејзиното учество во операциите на НАТО во Косово и во Авганистан и беше на наша страна во Ирак. Додека НАТО се прилагодува на сè покомплексното безбедносно опкружување влошено од стратешкиот натпревар со Русија, признавањето на Македонија за полноправен член на нашиот сојуз е императив.
Имајќи го ова на ум, силно Ве охрабруваме да исчекорите со покана за Македонија да ѝ се придружи на Алијансата. Од тој критичен чекор ќе имаат бенефит Алијансата и трансатлантското единство, а ќе ја зголеми и нашата предност против каква и да е руска субверзија и агресија“, стои во писмото потпишано од конгресмените Џим Бенкс, Питер Висклоски, Дејвид Трот, Деби Динџел, Пол Мичел, Брендан Бојл, Алекс Муни, Бил Паскрел, Дејвид Прајс, Стив Стајверс и Ренди Вебер.





