Eден од најреномираните македонски етно-бендови, „Љубојна“, вечер со почетокот во 19:30 часот, во Македонската опера и балет, по прв пат ќе одржат акустичен концерт насловен „Љубојна unplugged“.
Вокалот на составот Вера Милошевска по повод претстојниот концерт најави дека на сцената ќе има многу музичари, сценографијата е дигитално изработена и ќе долови амбиент на шума, а фокусот ќе биде на пеењето.
-Ова е вистинска прилика за публиката, во една уникатна атмосфера да ги слушне сите големи хитови“ порачуваат од “Љубојна”.
Порано неделава беше презентиран и најновиот албум на Љубојна со Оркестарот на Македонската Филхармонија и Емин Џијан насловен „B.Y.Z.A.N.C.E”. Албумот содржи материјал од концертот што бендот го одржа со Филхармонијата на 1 февруари, годинава, под диригентската палка на Џијан Емин.
На албумот се поместени осум нумери, од кои две се авторски – „Севдо ле“ и „Горки чувства, слатки немири“ кои се работени на текстови од Вера Милошевска, а музиката е на Оливер Јосифовски. Останатите нумери се традиционални, аранжирани и преработени теми прв пат објавени на нивен албум. Ова е 12-ти по ред албум на „Љубојна“. (МИА)





