Во емисијата „Правда и неправда“ со новинарот Гордана Дувњак емитувана на 1ТВ на 19.03.2019, гостуваше судијката Добрила Кацарска.
Дувњак на гостинката и’ постави прашање во врска со апсењето на Зоран Заев во 2008 година и шпекулациите дека во тоа време Добрила Кацарска како претседател на кривичниот суд ургирала кај судијата на претходна постапка на Заев да му биде определен притвор.
Дувњак: „Во ваше време, додека бевте претседател, се случи и апсењето на Зоран Заев, сегашниот премиер. Дали е точно дека од Турција сте се јавувале кадешто сте биле на одмор за да биде тој ставен во притвор?“
Кацарска: „Не е точно. Апсолутно не е точно. Како можам јас од Турција да се јавам на судија за да го стави Зоран Заев во притвор? А освен тоа, вие при поставувањето на прашањата кажавте дека важам за комуњарка, нели. И токму јас, нели, комуњарката се јавував кај судија за да го притворат господинот Зоран Заев. Мислам, нелогичности…“
Она што е впечатливо во одговорот е ставот на Кацарска за етикетата дека е комуњарка како аргумент дека не се јавувала за да го притворат Заев.
Кацарска во одговорот не истакнува дека е не само нелогично и неетички туку и незаконски и кривично дело претседател на суд да се јавува за ургенции, без оглед на етикетите кои што таа ги има или ги нема.





