Два дена откако во средата на 10 август на плоштадот на уметноста „Долна Порта“ во Охрид беше промовиран дигитален паметен споменик „Григор Прличев“ , непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите.
Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само да ги искриват.
Случајот бил веднаш пријавен во МВР Охрид, при што екипа направила увид и ќе ја проследи постапката до Јавното обвинителство.
„Вечерва на 11-ти август, после нецели 48 часа од промоцијата, паметниот споменик на виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и со поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција. Споменикот е времено надвор од функција, но активно работиме заедно со Општина Охрид на негово рестартирање како и со безбедносните служби за негова заштита од социопатите со кои за жал нашите деца го делат плоштадот“, соопшти творецот на споменикот проф. д-р Анис Сефиданис преку својот профил на Фејсбук.
Споменикот претставува високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев синхронизиран со говор на македонски јазик, изворно охридски дијалект кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот. Плусинфо







