„Комплиментите“ на Ризаов за „абдалите“, кои се против „Бугари во Устав“ и фалбите за „8-темина од ВМРО ДПМНЕ, кои ги изгласаа северна и Преспанскиот“!

„Кај нас се намножија еден куп абдали, што се глупираат во медиумите со национална фреквенција, кои им даваат простор на шарлатани, што ја трујат јавноста со глупости и разни провидни теории на завери. Тоа веќе не се ни радикали, ниту националисти, туку политички маргиналци, кои вакви глупости не би можеле да кажуваат ни дома.“ – вели Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Геополитичкото глупирање во подем“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.



Во колумната исполнета со приземни навреди во стилот „абдали“, „шарлатани“, „политички маргиналци“, „забегани“, упатени кон раководството на ВМРО ДПМНЕ и воопшто кон сите противници на внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, но и со штедри пофалби за „осумтемина од ВМРО ДПМНЕ, кои ги изгласаа Преспанскиот договор и уставните измени за географската додавка северна на името на Македонија“, Ризаов, го пишува и ова: Се вреска зошто Македонија веројатно во догледно време нема да ги продолжи почнатите преговори со ЕУ, а покани за преговори добија Украина и Молдавија.

Ги влечат за уши Европа и Америка, прашувајќи каква е таа неправда што ни се прави кој знае по кој пат. Или, зошто германскиот канцелар Олаф Шолц не го повика на кафе бугарскиот премиер кога се одлучува за Македонија, туку го „покани“ премиерот на Унгарија Виктор Орбан кога се одлучува за Украина. Ова можат да го кажуваат само шарлатани, а полоши од нив се само тие што ги знаат работите и сеат отров за да ја оправдаат својата историска вина, што не ги изгласаа уставните промени. Ако навистина Бугарија не е причината за блокадата на Македонија да ги продолжи почнатите преговори и ако зад неа се кријат големите и влијателни членки на ЕУ, тогаш со усвојување на уставните измени во македонското Собрание работите ќе излезат на чистина. Ќе се увериме дали ќе продолжат преговорите со ЕУ, или ќе се појави некоја друга пречка.

Само политички дилетанти можат да го изедначат геостратегиското значење на Украина, која е огромна северноевропска рамница, и на Македонија, која е значајна колку една мала скопска обиколница на геополитичката мапа на Европа. Се уште не ги разбравме разликите меѓу правдата и правото, меѓу интересите на големите сили и желбите на малите држави.

Кога се гледа само од агол на предавства

Може да ѝ се упати критика и на власта за нетранспарентноста на преговорите со Грција и со Бугарија и за несоработка со опозицијата за вакви стратегиски прашања. Но, со опозицијата не беше можна никаква соработка за овие прашања. Сите напори во дипломатските преговори беа проследени со бројни шпекулации и манипулации како чин на велепредавство  и распродажба на националните интереси и обезличување на македонскиот идентитет, пред било што да се договори. Истото се случува и со меѓудржавната историска комисија. Исто така, ако не гласаа осумтемина од ВМРО ДПМНЕ за уставните измени за географската додавка северна на суштинското име на државата Република Македонија, тогаш таа немаше да биде членка на НАТО, ниту да ги почне преговорите со ЕУ.

Погодете каде ќе биде најголемото олеснување до веселба, прослави и радости, ако Македонија не ги продолжи преговорите со ЕУ по своја вина? Ќе слават вмровските партии во Македонија и Бугарија и бројните заробеници на географијата и историјата од двете страни. Разликата е во тоа што штетата е само на една страна. На Македонија.