Дали ќе „одмораат“ во недела или не, согласно динамиката и спецификата на нивната дејност, компаниите сами да одлучуваат, бара Стопанската комора на Македонија.
Оттаму апелираат да се најде посоодветно законско решение од актуелното кое многу фирми става во нерамноправна положба, зашто ќе се постигне спротивен ефект од оној што сакал да го постигне законодавецот.
Доколку не се најде соодветно решение околу „недела неработен ден“ и ако продолжи таксативното набројување на фирмите кои може да работат во недела, а од кое се изземени многу суштински дејности (како градежништвото и трговијата), можни се зголемувања на производните трошоци, затворање на капацитетите, намалување на конкурентноста и отпуштања.
Според Комората, потребна е флексибилност, а акцентот мора да се стави на инспекцискиот надзор и на доследното почитување на работничките права што вклучува и исплата на додаток за работа во недела.
-Меѓу дејностите на кои моментно, со таксативното набројување во Законот, им е дозволено работење во недела, испуштени се суштинските, како градежништвото или трговијата (на големо и мало), кај кои е неопходен континуитет во работните процеси“ велат од Комората.







