„Комитите“ запрени од полицијата пред гробот на Гоце Делчев

Навивачката група на Вардар, „Комити“, денеска привремено била спречена да влезе да оддаде почит на великанот на македонската револуција Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.



Полицијата им објаснила дека ќе мораат да ги почекаат странските делегации меѓу кои се наоѓала и бугарска делегација пред да можат да положат цвеќе на споменикот.

На крајот само на петмина од Комитите им било дозволено да положат цвеќе по што имале право да минат само 3 минути на гробот на великанот.

„Денес бевме во црквата Свети Спас да положиме цвеќе и да се поклониме на гробот на нашиот великан Гоце Делчев.

За разлика од сите изминати години денес бевме спречени пред влезот на црквата од бројно полициско обезбедување, со објаснување дека тука ќе престојуваат странски делегации и висока Бугарска делегација, ние треба да почекаме “за да немало инциденти”.

Ние не сме пропуштиле ниту една година да изразиме почит на истото место во исто време како на овој ден така и на 4 Мај, и досега никогаш не се случил ниту еден проблем ниту опструкција. Доаѓале и предходно странски делегации, амбасадори, политичари како и почитувачи на ликот и делото на Гоце Делчев, и секогаш со респект и воодушевување сме гледале кон сите нив бидејќи изразуваат почит кон револуционер, идеен деец и великан кој животот го дал за својата земја Македонија“, пишуваат Комитите во своето обраќање.

Тие прашуваат отворено зошто некој би имал индиции или сомневање дека оваа година би било поинаку, и зошто би имало инцидент со Бугарски политичари или делегација кои се поклонуваат на гробот на херој кој го посветил и на крајот положил животот за Македонија во нејзините природни историски и етнички граници?

„Воедно бидејќи од сега па натаму ние граѓаните од втор ред треба да најавуваме специјално доколку сакаме да го посетиме гробот на нашиот Војвода Гоце Делчев, уште од сега уредно најавуваме делегација од 500 Комити за 4 Мај“, порачуваат Комитите.кои се чувствуваат како граѓани од втор ред и на кои им било речено со цел да нема “инциденти” да си одберат 5 луѓе први да го положат цвеќето, и за 3 минути да ја напуштат црквата.

Слава ти хероју Македонски, порачуваат Комитите по денешните нелагодности користејќи ги хаштазите #МакедонијаНаМакедонците #ИметоНиЕИдентитетот