„Комити“ одат за Струмица, и покрај забраната од ФФМ и извинувањето од Пандев

Навивачката група „Комити“ нема намера да го пропушти враќањето на Вардар во Првата македонска фудбалска лига по две сезони и се мобилизира за денешното гостување кај АП Брера Струмица, и покрај забраната од Фудбалската федерација на Македонија за гостински навивачи и јавното извинување од Горан Пандев.



„Мобилизацијата продолжува – СИТЕ ВО СТРУМИЦА!

Упатуваме благодарност до управата на ФК Брера поради искрениот пристап и заложба, но исто така порачуваме дека овој натпревар го чекаме повеќе од две години и затоа, и покрај околностите, ги повикуваме сите членови и симпатизери на клубот.

Борбата започнува – дојди во Струмица!“, порачаа „Комити“.

Покрај натпреварот Брера – Вардар, денеска од 17 часот во рамките на првото коло ќе се одиграат и средбите Брегалница – Силекс, Струга Трим Лум – Гостивар, Тиквеш – Македонија Ѓорче Петров и Воска спорт – Шкендија.

Последниот меч од првиот круг Работнички – Шкупи е закажан за утре од 17 ч.