Со реплика од култниот македонски игран филм „Тетовирање“, навивачката група „Комити“ му реплицира на вицепремиерот Артан Груби за неговата осуда на нивното однесување пред вчерашниот првенствен дуел Вардар – Шкупи.
„Говорот на омраза и денешното гневно навивање на младите среде Скопје е за секоја осуда. Такво однесување нема место во нашето ново општество, рамноправно општество за сите, со евро-атлантски вредности. На индоктринацијата на младите и етничката нетолеранција им е истечен рокот“, порача претходно Груби, кој се „прослави“ како активен учесник во тепачката на Кале на навивачката група „Шверцери“ токму со „Комити“ во 2011 година.
„Првиот вицепремиер“ се огласи и по седницата на Владата.
„По вчерашната реакција, на денешната владина седница, меѓу другото, дискутиравме и за последниот инцидент со говор на омраза предизвикан од навивачка група на плоштадот „Македонија“ во Скопје, при што Владата донесе заклучок со кој најостро се осудува навивачкото поведение со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа.
МВР презема соодветни активности за расчистување на делото, за што соодветно ќе ја информира јавноста“, објави тој на Фејсбук.






