На првата средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања во 2023 година што треба да се одржи во февруари во Софија, на дневен ред останува точката за претставувањето на Охридската архиепископија во македонските учебници, пишува МИА.
Темата за тоа како да се претстави Охридската архиепископија во македонските учебници по историја ја разбранува и јавноста во земјава, па македонскиот тим историчари во експертската Комисија за историски и образовни прашања реагираше со деманти и објаснувања. Изразувајќи разочарување на некоректното информирање во јавноста, тие посочија дека се пласираат лажни информации дека се решава црковното прашање на МПЦ-ОА.
„Предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за Христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла“, наведоа од македонскиот тим.
Тоа беше последната средба на Историската комисија во 2022 година.
Расправата за бугарските учебници е завршена пред година и половина и донесени се седум препораки кои треба да бидат применети.
Минатата година беа одржани шест средби на историчарите од двете земји, а усвоени се две групи препораки – за заедничко одбележување историски личности и за корекции во дел од учебниците.







