Коминтерна, администратори, прото бугарски јазик и писмо… : Героски со контроверзни предлози за решение со Бугарија

По Љубчо Георгиевски и новинарот Бранко Героски пред јавноста изложува контроверзни предлози во предлогот за заедничка изјава на владите на Бојко Борисов и на Зоран Заев, која според него е документ за кој двете страни можат спокојно да се согласат.



Загрижен поради неповолниот тренд во односите меѓу Бугарија и Македонија, кој се заканува да го загрози Договорот за добрососедство што го потпишаа премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев, си земам слобода на двете влади да им предложам да потпишат Заедничка изјава, со која ќе го реафирмираат Договорот и ќе дадат поттик за запирање на непријателствата, пишува Героски според кого заедничката изјава не може да биде само гола декларација, туку таа мора да ги адресира клучните спорни прашања и да понуди решенија.

Героски е убеден дека тоа може да се стори со еден реалистичен и иновативен методолошки пристап.

Целиот предлог можете да го прочитате на плусинфо.мк а овде пренесуваме неколку од најконтроверзните предлози на Героски според кои Македонија треба да прифати или да нотира повеќе шовинистички бугарски позиции кои се содржани и во неговиот предлогот за Заедничка изјава на владите на Република Македонија и на Република Бугарија:

2б. Владата на Република с. Македонија изјавува дека го нотира доминантниот наратив во официјалната бугарска историографија, според кој создавањето на македонската држава на крајот на Втората светска војна е политички проект на Комунистичката интернационала и на југословенските комунисти на чело со Јосип Броз Тито, насочен против интересите на бугарската држава.

3б. Владата на Република Македонија разбира дека во периодот пред стандардизацијата на македонскиот литературен јазик, на поширокиот простор во регионот кој историски се именува како Македонија, а кој ја опфаќа и територијата на денешна Македонија, доминантна е официјалната и писмената употребата на бугарски јазикот и писмо, како и на разните дијалектни форми кои произлегуваат од заедничките корени на двата јазика.

3в. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека го нотира доминантниот наратив на бугарската лингвистика, според кој официјалниот македонски јазик, по своето потекло и структурно-типолошки карактеристики, е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик.

4. Владата на Република Македонија изјавува дека ги познава историските факти дека најзначајните преродбеници и револуционери, кои ги промовираат своите идеи и активности за автономна или независна Македонија, кон крајот на 19 и во почетокот и првата половина на 20 век, дејствуваат под директен патронат на бугарската држава и/или на бугарската егзархија, а голем дел од нив и се изјасниле дека се Бугари.

4б. Владата на Република Македонија изјавува дека историските факти опишани во член 4 ги разбира во контекст на исто така неспорниот историски факт дека Бугарија и посебно Софија, во периодот на распаѓањето на Османлиската империја, се центри кои им овозможуваат и ги поттикнуваат револуционерите, преродбениците и организациите да ги спроведуваат активностите за развој на чувството на Македонија како посебна историска, културна и јазична заедница и за создавање посебна, автономна или независна македонска држава, поради што тие ентитети се нарекуваат македонски.

4в. Владата на Република Македонија го нотира доминантниот наратив на бугарската историографија, според кој фактите опишани во член 4 се доказ за бугарскиот карактер на процесот на создавање македонски јазик и на македонска држава.

5. Владата на Република Македонија изјавува дека приклучувањето на бугарската држава кон Силите на Оската од 1 март 1941 година до 8 септември 1944 година и учеството во окупацијата на дел од просторот на Кралството Југославија кое ја опфаќа територијата на денешна Македонија, не може да се смета за грев на бугарскиот народ, кој својата волја ја реализира со приклучувањето кон антифашистичката коалиција после 8 септември 1944 година и со учеството во завршните борби за ослободување на регионот и на Европа од фашистичката окупација.

5а. Во смисла на член 5, Владата на Република Северна Македонија изјавува дека ќе ги охрабрува сите државни органи и приватни ентитети да ја избегнуваат идентификацијата на термините „фашистички“ и „бугарски“, а посебно во навредлив контекст.

5в. Владата на Република Македонија изјавува дека ги нотира доминантните наративи на бугарската историографија, кои улогата на бугарската држава на просторот на денешна Македонија ја сметаат за администрирање, до кое доаѓа на повик на локалното бугарско население.

Целиот текст на предлогот на овој линк