Комеморацијата за Нивици, Бундестагот…

Без Нивици, апсолутно е сигурно дека Софија немаше вака да се однесува

Комеморацијата за Нивици во Струга, заради тесно партиски политички интереси, доби сосема спротивна интонација од заслужената. Место да се анализираат страшните последици со кои се соочуваме по таа безумна капитулација, се велича членството во НАТО.



Ако ги игнорираме измамите дека ни е зголемена безбедноста, дека ни се отворени светли перспективи… со тоа, објективно, Македонија не доби ништо конкретно. Освен зголемените обврски да издвојуваме два проценти од БДП за одбрана, да купуваме американска воена опрема и да се конфронтираме со Русија, Кина… и други релевантни светски фактори.

Во подготовките на руско-украинската војна, зачленувањето на Македонија во НАТО беше нагласен и итен интерес на САД. Регионот мораше да се затвори за евентуално руско враќање и Македонија имаше посебно значење. И, место тоа да го искористиме за валоризација на нашите национални и државни интереси, и да бараме некакви отстапки во врска со нелегалниот третман на нашето име, „нашите“ политички аматери дадоа поголеми суштински и стратегиски концесии, отколку што очекуваа и планираа дури и самите САД.

Американскиот амбасадор во Атина, Даниел Спекхард, според тајните американски дипломатски комуникации, обелоденете благодарејќи на Викиликс („Нова Македонија“, од 30/03/2011), ни дава клучни податоци. По неговата средба со грчкиот министер за надворешни работи, Димитрис Друцас, тој објаснува дека Вашингтон смета дека – „главните елементи на решението за прашањето за името се име со географска одредница за севкупна употреба во меѓународни рамки, без да се чепка во идентитетот (а прашањето за идентитетот да не се спомнува до одредена фаза на евроинтегративниот процес)“.

Тоа покажува две клучни работи. Прво, дека целта на САД е бришење на македонскиот народ и, второ, дека процесот треба да оди етапно. А, во Нивици, „нашите“ квази политичари ги прифатија максималистичките грчки барања, вклучувајќи го и принципот ерга омнес. Благодарејќи на капитулацијата во Нивици, ние ги анулиравме националните институции коишто, од македонски, ги прекрстивме во  национални. Значи ничии. Со тоа, се урниса македонскиот карактер на државата. Така, се доведовме во ситуација да имаме албански и турски театар, ама ни е забрането да имаме – македонски! Тоа кажува сѐ. Сепак, има и полошо: откако, не дај Боже, ќе ги внесеме во Уставот и грстот Бугари, ќе имаме и бугарски!

Дури тогаш, македонската приказна ќе биде пред целосно затворање. Засега, сѐ уште можеме да се самозалажуваме дека ништо не ни фали, дека живееме во мед и млеко. Имаме доста „аналитичари“ коишто во тоа секојдневно не уверуваат и жалосно е што народот не им верува. Нема да ги спомнуваме по име. Сите ги знаете и им се чудите на паметот. Тие, секако тоа не го прават за џабе.

Ако се обидеме да го сублимираме Нивици, единствена „корист“ е што отвори простор за нецивилизациските бугарски политички фантазмагории. Без Нивици, апсолутно е сигурно дека Софија немаше вака да се однесува. Иако, не треба да има дилеми дека политиките на Атина и Софија, околу Македонија, се блиско координирани. Макар и премолчено. Тоа е резултат на нивните вековни игнорантски политики кон Македонија и Македонците. Уште поважно е што зад нив стојат регионалните интереси на единствена светска супер сила и дека нашите соседи се само алатки во реализација на нејзините намери и планови. Комплементарноста на нивните намери, воопшто не е спорна.

Со Нивици, ништо не добивме, ама широко го отвориме патот за уништување на македонизмот. Тоа мора веќе да му е јасно и на најпериферниот набљудувач. Во Нивици, Македонија беше меѓународно длабоко понижена. Бесмислено се откажавме од признавањето на нашето историско и уставно име од страна на преку 140 држави, што значи преку две третини од членките на ООН. Место бескрајна благодарност за нивниот пријателски гест, ние на срамен начин го фрливме на ѓубриштето на историјата.

Целата колумна на Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/komemoraci-ata-za-nivici-bundestagot/