Катерина Колозова, извршна директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки, дава целосна поддршка за најавената замена на печатените со дигитални учебници од министерската за образование Мила Царовска, а во репликата на објавата на Фејсбук од Петар Котевски не се согласува со квалификацијата „северџанско-окупаторска власт“.



„Очекувано, не се согласувам со квалификации како ‘северџанско-окупаторска власт’, иако се согласувам дека има куп работи за кои треба да се критикува власта – меѓу кои токму затоа што оди пребавно со реформите чиј правец го фатила и со лоши советници – но суштината на кажаното на овој мој политички противник, за нијансираното-неподложно на таборски поделби дискутирање тотално го поддржувам. Исто и дигитализација, фул и со антикапиталистичка и зелена агенда, со што Петар сигурно нема да се сложи. Како и да е, сржта на аргументот му е одлична“, реагира Колозова на објавата на Поповски:

„Треба да се научиме да ги нијансираме нашите политички и општествени аргументи за да ги научиме луѓето да го вклучуваат мозокот малку подолго од времето што им треба да си одберат еден од таборите кои се најгласни. Ненијансирани аргументи водат кон поларизација и сè пофундаментално недоразбирање и недоверба помеѓу спротивставените табори – а таборите се многу груба форма за општествено организирање што треба да се надмине.

Пример за тоа е драмата околу дигитализацијата на учебниците. Ако ја поддржуваш си СМРДСМ-овско северџанистанско ѓубре, а ако не ја поддржуваш тогаш сакаш Грујо да го вратиш од Будимпешта.

Ова е лажна дихотомија. (https://www.logical-fallacy.com/articles/false-dilemma/) Не се овие две добро дефинирани страни, ниту имаат врска со аргументот за кој се дискутира. Оние што ја наметнуваат оваа лажна дихотомија се партиските штаботоми и луѓето кои имаат личен интерес да ве чуваат на една или друга страна од некаква фабрикувана ограда.

Дигитализацијата на училишните материјали е неизбежен процес што ќе се случи во иднината. Дигиталните материјали не се лимитиран медиум како хартијата и мастилото и можат да бидат многукратно покорисни за учење на децата, затоа што може да содржат видео, интерактивни игри, подобри нагледни средства итн. Ова не е контраверзен став и никој не треба да биде против дигитализацијата на училишните материјали.

Она што нормален човек треба да има ПРОТИВ во целава оваа инцијатива е фактот што таа се спроведува од насилно наметната окупациона влада, составена првенствено од неспособни партиски апаратчици – која во мноштво прилики веќе докажа дека го нема најдобриот интерес на државата предвид, ниту најдобриот интерес на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија во поширока смисла. Овие луѓе се дојдени на власт со политичко-мафијашки манипулации и никој нормален не може да очекува дека една ваква суштинска и потребна реформа може да биде спроведена од нив.

Тоа е единствениот аргумент кој вреди да се прави во оваа ситуација. Проширувањето на ‘ПРОТИВ’ аргументот на начин што го вклучува и самиот концепт на дигитализација само им овозможува на овие неспособни окупатори да го претстават отпорот кон нивното администрирање на оваа мерка како ‘неразумна тврдоглавост на група неписмени и немиени родители кои не се свесни за напредокот во светот’. И да не се лажеме – во овој свет не е важен твојот суштински став по некое прашање, туку само како ИЗГЛЕДА твојот став некому друг. Затоа толку тешки пари и енергија се троши во формирање на впечаток во јавноста (но и во клучни тела на меѓународните институции) кој не соодветствува со реалноста, но лесно се продава на благо незаинтересираните администратори кои работат таму. Затоа, не дозволувајте лесно да ве класифицираат и осигурајте се дека си го нијансирате аргументот доволно за да не можат да ве стават во некоја груба кутија заедно со уште куп навистина неписмени и немиени штаботоми кои повторуваат политичка мантра што му ја сервирал штабот. Ослободувањето на Македонија мора да почне од твојот мозок прво, а потоа да се манифестира на остатокот од твојот свет“.