Годинава од гроздоберот лозарите наплатија помалку 10 милиони евра за перодот јули, август и септември. И тоа не се случило никогаш порано. Претходната година од продажба на грозје само во септември лозарите наплатија 30 милиони евра! Истиот месец годинава вредноста на откупеното грозје изнесува 8 милиони евра.
Лозарите во Македонија имаат исклучително тешка и траорна година. Земјоделците кои живеат од производство на грозје се соочуваат со сиромаштија откако нивниот овогодишен род пропадна. А и тоа што можеше да се набере и продаде е со ниска цена заради квалитетот, објави Фактор. Официјалните бројки се немилосрдни и покажуваат дека откупот на грозје во август и септември годинава е само 7 отсто во споредба со истиот период 2022 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Дождливата пролет и сушното лето направија годинава родот на грозје да биде осакатен по винските региони во земјава и при тоа особено беше погодена Тиквешијата срцето на винска Македонија. Во периодот јули, август и септември лозарите продале само 25.440 тони грозје. Тоа во споредба со истиот период лани е ниво на статистичка грешка. Затоа што лани во овој период македонските лозари продале над 361.000 тони грозје.
Годинава август бил месец што ќе остане како очаен односно најслаб период за берба и предавање грозје. Затоа што биле откупени само 1.350 тони грозје што е 2,8 пати помалку од лани. Но тоа не е најлошото! Хоророт доаѓа во септември кој традиционално е месец на гроздоберот. Предадени се само 24.000 тони грозје. А тоа е помалку од 7 отсто од откупеното грозје лани кога во сепмтеври лозарите предале 357.000 тони грозје.

Останува да видиме дали од надлежните инстанци ќе добијат некаква помош и поддршка. Во секој случај за да ги пребродат претстојните тешки зимски месеци ќе треба да посегнат по нивните залихи од претходни години и да ги продадат во зорт без да има простор да се пазарат за цена. Тие веќе на предупредувачки протест побараа државна помош од 5 денари за секој откупен килогам грозје и враќање на старите стимулации од 40.000 денари за лозови насади под еден хектар и 48.000 денари за насади над еден хектар.
Извор на податоците https://www.stat.gov.mk/pdf/2023/5.1.23.16_mk.pdf





