Копањето крипто валути е еден од најпопуларните начини за брза и лесна заработка иако многумина не видоа аир од тие активности. Но има пари и во копањето буквално, објави Фактор. Тоа подразбира копање, риење и товарење земја, јаловина, а и јаглен. Машка и тешка работа која многупати е и ризична затоа што се работи во тешки услови во утробата на рудниците во РЕК Битола. Но пари има. Еве, една локална битолска фирма специјализирана за копање во две години фати десетина тендери во рударскиот комбинат вредни 97 милиони евра. „Марковски компани“ иако не копа бит-коин, но јаловина во РЕК-о, лани оствари профит поголем од 6 милиони евра. Таа фирма ангажира повеќе од 300 вработени чија просечна нето месечна плата е повисока од 600 евра. Друго прашање е тоа што на акционерот во РЕК Битола „не му пука“ за тоа што нема тешка механизација па приватна фирма му зема 45 милиони евра за наем на тешка градежна механизација во само 2 тендери!

„Марковски компани“ е убедливо најуспешната локална фирма на тендер листата на РЕК Битола, најголемиот државен производител на струја. Во последните две години (декември 2021 – декември 2023 година) „Марковски Компани“ од РЕК Битола доби тендери вредни 97 милиони евра. Листата на јавни набавки кои ги доби оваа компанија е достапна на следниот линк
„Марковски компани“ е битолска компанија која е специјализирана за градежна оператива. Има бројни и разновидни градежни машини кои во значаен дел работат за потребите на РЕК Битола. Најголемиот тендер што го доби оваа фирма сопственост на битолчанецот Борче Марковски во овој период е вреден 24,9 милиони евра и договорот е потпишан во октомври годинава. Набавката е за ископ на јаловина во рудниците на РЕК Битола. Во период пократок од една година, пред овој тендер, „Марковски компани“ доби уште една јавна набавка од РЕК Битола вредна 20 милиони евра, а договорот е склучен во ноември лани. И во двата договори клучниот збор е ископ.

„Марковски компани“ врти милиони евра, но не зајми од банките. Анализата на финансиските извештаи на „Марковски компани“ покажува дека компанијата има постојан раст на приходите во последните три години, а бележи и континуирано зголемување на бројот на вработени во последните 5 години. Нивниот број е зголемен за 34 отсто од 2020 до 2023 година.
Приходите на компанијата во 2022 година изнесувале 30 милиони евра што е најдобар резултат во последните 5 години. Во споредба со 2018 година приходите во 2022 година се повисоки за 5 пати. Добивката за минатата година е убедливо најдобра во последните пет години и таа изнесува 6,65 милиони евра. Во споредба со претходната година профитот е зголемен за 16 пати, а во однос на 2020 година добивката е поголема за 3 пати.
Најинтересен детал од билансот на состојба на компанијата е тоа што воопшто не должи на деловните банки. Податоците за долгорочните и за краткорочните заеми и кредити се нули. Тоа е реткост на македонската економска сцена особено кога се работи за компанија од градежната оператива. Според официјалните податоци своите побарувања лани ова друштво ги наплаќало за период од 170 дена, а обврските кон добавувачите и коминтентите ги плаќало за 175 дена. Веројатно дека овие податоци во одредена мерка се рефлекција и на работењето со РЕК Битола.





