Колку милиони евра – чист профит имале македонските банки за девет месеци?!

Банкарството било и ќе биде еден од најпрофитабилните бизниси во земјава, како и дека македонските банки не ги бие ниту криза, ниту инфлација (напротив, токму таа е посредната причина што тие станаа уште побогати), а не ги „изби“ ниту солидарниот данок, кој одлеа значајни финансиски суми од многу други македонски индустрии чии лански приходи беа значајно зголемени, пишува Фактор. Сите 13 македонски банки во првите девет месеци од годинава оствриле вкупен чист профит од близу 200 милиони евра, или, ајде да бидеме попрецизни, точно 197 милиони евра, говорат податоците на централната банка.



Ако се земат бројките од првото полугодие како споредба, може всушност да се констатира дека само во овој трет квартал, банкарите оствариле нов екстра профит од 76 милиони евра. Значи, на крајот на јуни годинава нивните вкупни добивки биле 121 милиони евра, за во периодот од јули заклучно со септември таа сума да се зголеми на 197 милиони.

Додека, пак, во однос на истиот период лани, значи споредба три квартали од годинва со трите тримесечја лани, вкупниот банкарски профит има фантастично зголемување за цели 66 милиони евра. Зошто велиме дека инфлацијата е таа што ја направи уште побогата македонската банкарска индустрија, која и онака секогаш била добростоечка?

Имено, инфлацијата беше причина централната банка да ја зголемува основната камата, додека, пак, банките поради тоа ги зголемија каматите. Но, очигледно повеќе ги зголемиле каматите на кредитите во споредба со оние на депозитите, а доволен доказ за тоа е вртоглавата бројка која банките во првите девет месеци од годинава ја прокнижиле на име на нето приходи од камати. Станува збор за неверојатна сума од 300 милиони евра, или еве повторно да бидеме прецизни, 299 милиони. И, тоа е за дури 93 милиони евра повеќе од нето приходите од кмати кои банките ги оствариле во првите три квартали од ланската година. Сумата од 300 милиони евра нето од камати е приход од кој боли глава, особено за македонски услови, и кој можат да го сонуваат многу други македонски индустрии.

Приходите од провизии и надоместоци си останале „класика“, или добри изворчиња но далеку зад каматите. Па така, тие им донеле во анализираниот период на банките 79 милиони евра, или два милиони повеќе од истиот период лани, додека приливите од курсни разлики донеле 21 милиони евра или речиси исто како споредбениот минатогодишен период. Останатите приходи од дејноста, пак, инкасирале 24 милиони евра, и кај нив дури има и намалување за седум милиони.