Колку е опасно партијата на Курти да учествува на изборите во Македонија?

Косовската политичка партија Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти може да учествува на парламентарните избори во Македонија во коалиција со Европскиот сојуз само ако е регистрирана како правно лице во Судски регистар и само доколку кандидатите за пратеници во македонското Собрание се државјани на Македонија – пишува Плусинфо.



Ова го тврдат уставните и политичките експерти со коишто разговарале откако вчера, лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, најави дека косовската владејачка партија Самоопределување активно ќе се вклучи во изборите во земјава.

Ваквата одлука, според политичките аналитичари, бездруго испраќа многу лоша политичка порака која, помеѓу другото, може сериозно да ги загрози односите помеѓу Скопје и Приштина.

Исто така, експертите предупредуваат дека мешањето на странска политичка партија во македонски парламентарни избори е директна закана по територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.

Нашиот Устав забранува државјанин на друга држава да се кандидира на избори во Македонија, а уште помалку да биде назначен за пратеник во македонското Собрание, дури и да има двојно државјанство, вели за Плусинфо поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.

– Ние немаме договор со Косово за двојно државјанство. Во случајов со косовската партија Самоопределување, која ќе учествува на изборите во Македонија, единствените коишто ќе можат да земат учество се македонски државјани кои се само симпатизери на партијата на косовскиот премиер Албин Курти и кои немаат право да гласаат на избори во Косово. Нашиот Устав е категоричен: тој што нема македонско државјанство не може да се кандидира за пратеник во Собранието – објаснува Петковски.

Според него, со ваквиот потег, албанските политички партии од опозицијата играат на картата – емоции, а како што додава, ова во секој случај не претставува добра порака за градење добри односи со Косово.

– Ако се сеќавате, албанските опозиционери во земјава неодамна го пречекаа косовскиот премиер Албин Курти во Тетово како да е нивни премиер. Тие му дадоа такво значење. А всушност, вистинското политичко влијание може да се остварува на повеќе начини. Лоша порака испраќа и премиерот на Косово со тоа што се определува формално да коалицира со партии коишто се регистрирани во Македонија. Со ваквиот потег, тој прикажува посебни чувства кон Македонија и смета дека земјава е составен дел од Косово. Тоа е во битието на Курти којшто не знае ни да го сокрие. Исто така, сметам дека ваквата коалиција не е добра ниту за албанските политички партии од опозицијата во Македонија. Тие почнуваат да се однесуваат како спортски клубови, па изнајмуваат и купуваат играчи од странство. Како и да е, ова не е добро во поглед на градење стабилни односи помеѓу Скопје и Приштина. А замислете како би изгледале работите доколку во македонското Собрание влезат пратеници кои се огромни симпатизери на косовската партија Самоопределување. Чија страна ќе заземе тој пратеник кога ќе дојде ред во Собранието да се расправа за односите Македонија-Косово? Во секој случај, ова е прв пример и ние досега не сме биле ставени во ситуација политичка партија од странство да учествува на парламентарни избори во Македонија. Но, ваков е стилот на Курти, бидејќи и самиот тој беше однесен во Косово од Албанија и беше поставен за премиер. Инаку, Албин е роден во Албанија и тој е албански државјанин – вели Петковски.

Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:

ДАЛИ КУРТИ Е ПОДОБАР ОД МУРТО? Клонирањето на Самоопределување од Косово во Македонија крие цела приказна