Колемишевски: „Заслепен од власта, СДСМ и одмолчува на Бугарија, која ги сведува Македонците на сталинистичко историско ѓубре“

„Одбележувањето на 31-годишнината од формирањето на Социјалдемократскиот сојуз покажува дека славеничката торта не мора секогаш да ја засладува душата. Оние што пред неколку дена јадеа од слаткиот колач сигурно не пијат од изворот, што го ископаа основачите пред 31 година. Тој првороден кладенец одамна е затрупан со земја. СДСМ денес е далеку од него мерено со милји, далеку од идеалите, очекувањата и надежите.“ – вели Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „СДСМ – 31 година далеку од изворот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Колемишевски пишува: „СДСМ клекна на колена по македонското прашање, околу обезбедувањето стабилна историска иднина на македонскиот народ. По тоа прашање го урниса аманетот на претходните генерации, го доведе на раб на историски опстанок сето она што Македонците го стекнале низ борба, со крв и жртви. Колку што СДСМ станува проевропска партија, толку помалку е македонска. Политиката на СДСМ дава основа да се каже и дека е таа антимакедонска. Колку што се ближи кон Европа, толку ја заборава сопствената земја.“

„По потпишувањето на Спогодбата со Грција и промената на името на државата, особено по целосно погрешно прифатениот Договор за пријателство со Бугарија, Македонија не е истата држава. Не само во домашните туку и во меѓународните односи Македонија е во полоша позиција од претходно. Уставно крајно нејасна и искомплицирана, национално разнебитена, меѓунационално и режимски хибридна, јазично неразјаснета, пописно сомнителна, економски заостаната, социјално сиромашна, кадровски опустена. На надворешен план недоволно сфатена, изигрувана, притиснувана, излажувана, понижувана. Оставена пред затворени врати за прием во ЕУ.“

„Како што се менуваа лидерите на СДСМ така партијата се оддалечуваше од изворните, оригинални идеи, од замислите и идеалите каква треба да биде Македонија во услови на самостојност. Од програма до програма – мали дела и грди постапки. Од лидер до лидер сѐ подолу и подолу, на ниски скали, а со ниски страсти. Сите што биле предводници имаат улога и удел во падот – од Бранко, преку Бучко, до Радмила и Заев. Заев, последниот партиски цар, што неодамна абдицира, ќе биде тема за историјата. Првите ја начнуваа партијата, а последниот ја пикна во црна земја, во жив песок. Со партијата во тој глиб ја втурна и државата.“

„Заев се колнеше пред Бога, во родители и деца дека нема да се случи, но се согласи за промена на името, потпиша антимакедонски договор со Бугарија. Тоа се товари што ќе се носат со децении и кај генерации. СДСМ, денес или утре, треба да најде сили да им се извини на Македонците за свесно сторените (не)дела. Не може со сигурност да се тврди дека на Заев му било намера да почне процес на соединување на двете држави во една, за прифаќање дека Бугарите и Македонците се еден народ во две држави, но многу претпоставки одат во таа насока. Тие претпоставки најотворено ги истакнуваат основните бугарски негирања дека нема македонски народ, нема македонски јазик и писмо. Сѐ е бугарско, според бугарското толкување на потпишаниот договор, иако такво нешто не пишува ни на црн ѕид, а камоли во договорот. Таа ‘бела книга – црно писмо’ ја врати Македонија во 19 век, по заслуга на Заев.“

„Заслепени од власта, во СДСМ не гледаат или не сакаат да видат што се случува. Одмолчуваат за Грција, одмолчуваат на понижувањата од Бугарија, на омаловажувањата од бугарските највисоки власти на македонските граѓани, на нивно сведување на Македонците на сталинистичко историско ѓубре, на чие сметиште се нивниот јазик, писмо, култура, традиции. Го релативизираа скандалот со Ванчо Михајлов, како што се мајстори да релативизираат сѐ друго што не им оди во прилог. Власта на Заев, заедно со СДСМ, беше глува за расположението на мнозинството Македонци околу договорите со Грција и со Бугарија. Таа глувост ѝ донесе дебакл на локалните избори.“

„Неколкуте негативни искуства од последниве неколку години се доволен сигнал партијата да се доближи до мнозинството граѓани, особено по македонското прашање. Освен, ако доближувањето до Бугарија и претопувањето на Македонците во бугарска националност не се задача зададена од ЕУ – САД и како такви се обврска и определба на Социјалдемократскиот сојуз и Владата, во која партијата има тенко мнозинство.“ – заклучува Колемишевски во својата колумна.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/sdsm-31-godina-daleku-od-izvorot/