Колемишевски: Заев внесе бугарски црв во македонското дрво на животот – новата Влада виси на конец

„Заминаа од политиката Зоран Заев, Алексис Ципрас и Бојко Борисов. Заминаа од политиката, но ќе остават трајна трага во историјата на Балканот како погребувачи на името на Република Македонија. Преку нивните топли прегрнувања и размена на врели бакнежи, ословувајќи се со брате Бојко, брате Заев и брату Алексис, го вратија македонскиот народ сто години назад во лавиринтите на негирањето на неговиот идентитет, јазик и писмо, речиси на работ на неговиот опстанок. Ја отворија Пандорината кутија на македонска штета, ги пуштија на слобода сите зла од неа и избегаа, не оставајќи никаква надеж дека може да се поправи нешто. Елиминирани од власт, зад нив оставија македонски урнатини, во главна улога на мајсторот за уривањето во ликот и делото на Зоран Заев, тогашен претседател на владата на поранешната Република Македонија, ФИРОМ за надворешна употреба.“ – пишува Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Заминувањето на Заев, Ципрас и Бојко“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Колемишевски пишува: „Од тројцата погребници на името Заев замина последен, иако, да беше доблесен и чесен, требаше да биде прв, особено по неуспешниот референдум за истото име. Тогаш не, но сега заедно со него потонаа и оние што му беа слуги, оние што се сликаа при потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија во 2017-та и оние што трчаа по песокта крај Преспанско Езеро, во Нивици, кога се потпишуваше Преспанската спогодба со Грција во 2018-та. Ги нема веќе Заев, Димитров и Шеќеринска, далеку се Ципрас и Коѕијас, во парламентарен бонус се Бојков, Екатерина Захариева и полубугаринот Красимир Каракачанов-Краси, јавачите на антимакедонската, трета бугарска окупација.“

„Низ европските лавиринти останаа сенките на Јоханес Хан и Федерика Могерини, речиси сите го заборавија медијаторот Метју Нимиц. Сите што заеднички се сликаа со насмевки на лицата, сега се во историските архиви. Заминаа оние што го погребаа македонското име од сите македонски институции, што на македонскиот народ му ги избришаа националните атрибути. Наместо живи, станаа мртви сведоци за еден историски исечок од валканата политика на Балканскиот Полуостров. Останаа живи само Македонците на нови ветрометини. И во двата случаја, со Грција и со Бугарија, македонските челни преговарачи, наместо да се удрат по своето чело, удрија по државата. Заев и Никола Димитров како главни играчи и нивните секунданти одиграа како шаховски пацери, да не речам полуслепи мајстори, кои не гледаа подалеку од своите два повлечени потега. За разлика од нив, противникот уште однапред ги имаше согледано позициите и на Македонија ѝ даде национален шах-мат.“

„Заев внесе бугарски црв во македонското дрво на животот. Негирајќи и ја обезвреднувајќи ја историјата на Македонија и другите југословенски народи низ цели 75 години, а прифаќајќи ја заедничката со Бугарија, Заев како да го најави курсот во насока на историско, национално, јазично, културно и црковно единство во една европска бугарска држава. Постои мислење дека таа идеја, поточно задачата за спој на двата народа, му ја дале во рацете на Заев западните центри што ја решаваат судбината на светот. Едни сметаат дека е тоа план на Американците, други дека тука се гледаат германски прсти. Во таа смисла двете мислења, колку и да се различни, се совпаѓаат во еден став, а тоа е дека Заев е елиминиран поради тоа што не ја завршил таа задача. А му била дадена или била договорена на највисоко ниво.“

„Значи, во Грција, во Бугарија и во Македонија има нови влади и нивни претседатели. Заминаа оние што го погребаа македонското име од сите македонски институции, што на македонскиот народ му ги избришаа националните атрибути. Особено тежок товар ѝ е оставен на новата македонска влада, која виси на конец, и покрај големиот оптимизам на СДСМ дека ќе издржи докрај. Отворените прашања со двете земји допрва ќе се разгоруваат, и покрај новите лицемерства манифестирани последниве денови. Зад новите прегратки и целивања се кријат нови проблеми.“ – истакнува Панде Колемишевски, покрај другото, во својата колумна.

Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/zaminuvanjeto-na-zaev-cipras-i-bojko/